
Проект „Зелена инклузивност“ – прв циклус обуки
Во рамки на проектот „Зелена инклузивност“ на Општинска организација Центар, поддржан од Фондот за развој и проекти на Црвен крст на Република Северна Македонија, беа реализирани 3 обуки со целната група – ученици од ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“.
Обуките беа на тема Комуникација, Тимска работа и Зелени вештини, кои се во фокусот на овој проект кој има за цел да ја зголеми вработливоста на лицата со попреченост.
На ден 30.10.2023 година се реализираа трите обуки во три смерови, поконкретно обуката за Комуникациски вештини во угостителско-туристичката струка, обуката за Тимска работа во текстилната струка и обуката за „Зелени“ вештини во графичката струка.
На обуките присуствуваа вкупно 21 ученик и тоа на обуката за Комуникација 5 ученици, на обуката за Тимска работа 8 ученици и на обуката за “Зелени“ вештини 8 ученици.
Со обуката за комуникациски вештини и деловна комуникација, учесниците стекнуваат знаења за комуникациските вештини во работењето и подобрување на личната комуникација и меѓучовечките односи во и надвор од организацијата. Обуката овозможува подобрување на способностите на учениците и зголемување на нивните капацитети, преку стекнување со вештини за вербална и невербална комуникација.
Во рамки на обуката за Тимска работа, учесниците совладуват како да функционираат во рамки на еден тим, на кој начин може да бидат распределени обврските и задолженијата на секој член поединечно, но и како да ја следат динамиката на тимот и ефикасноста на работата во група.
Обуката за зелени вештини им помага на учениците да стекнат специјализирани вештини кои ќе овозможат нивно учество во активности поврзани со транзиција кон зелена економија. Целта на оваа обука е да се подигне нивото на свесност за потребата од енергертска ефикасност и заштита на човековата околина и да се усвојат конретни зелени вештини, релевантни за нивната стручност (квалификација).
Кон крајот на секоја од обуките, беа спроведени вежби за извршување на конкретна практична задача.
Овие обуки ќе се реализираат во три циклуси, што би значело дека учениците од трите струки ќе се стекнат со вештини кои се опфатени во обуките.