
Практицирање на Првата помош на еден поинаков начин
Еден од најголемите предизвици за младите е изучувањето на првата помош како животоспасувачка вештина. Освен што е интересна, првата помош е и од огромна важност во секојдневното живеење. Сведоци сме на многу ситуации од нашето секојдневие во кои првата помош спасила нечиј живот. Црвениот крст на Република Северна Македонија придава огромно значење на првата помош и непрестајно ја развива.
Пандемијата на КОВИД-19 во голема мера влијаеше врз активностите кои Црвениот крст ги реализира на полето на првата помош од причина што, оваа животоспасувачка вештина најдобро се изучува преку практичен приказ. Со забраната за групирање и препораките за одржување физичка дистанца, активностите поврзани со првата помош значително се намалија.
Со цел задржување на континуитетот во изучувањето и промовирањето на првата помош, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар одлучи да спроведе Квиз по прва помош на којшто ќе учествуваат основни и средни училишта од општина Центар. Потребно беше секое училиште да пријави екипа, сочинета од 6 членови, која ќе земе учество на квизот. Во оваа активност се вклучија основните училишта ООУ „Киро Глигоров“, ООУ„Димитар Миладинов“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Коле Неделковски“ и ООУ „11-ти Октомври“, како и средните СУГС „Јосип Броз Тито, СМУГС „Др. Панче Караѓозов“ и ПСУ „Алгоритам“. Секако, учество зема и 1 екипа од Клубот на млади при Општинска организација Центар.
За реализација на оваа активност, успешно беа спроведени 2 предавања по Прва помош на 20-ти и 21-ви мај 2021 година во периодот од 14.30 до 16.30 часот. Предавањата беа реализирани преку платформата ZOOM од страна на сертифициран демонстратор по прва помош – Драган Тануровски. На предавањата учествуваа 66 учесници, односно 11 екипи. Учесниците имаа можност да се запознаат со основите на првата помош, преку употреба на селектирани поглавја од Прирачникот по прва помош за возачи. Освен теоретски осврт, тие имаа можност да погледнат видеа во кои практично се прикажува санирање на повредите кои ги изучуваат.
Се радуваме на оваа активност која наиде на огромен интерес кај младите и со нетрпение го очекуваме квизот!












































