
април 8, 2022
Обука по Прва помош за учениците од ПСУ „Алгоритам Центар“ и ученици на размена од Нови Сад
Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар посветува посебно внимание на промоцијата на Првата помош како животоспасувачка вештина, со особен акцент на оспособувањето на младите за нејзино практикување и совладување.
На ден 08.04.2022 година во периодот од 12 до 13.30 часот во Градскиот Парк се одржа обука по Прва помош за учениците од ПСУ „Алгоритам Центар“, но и за ученици на размена кои се од Нови Сад, Србија и кои се гости на училиштето.
Обуката се реализираше на 4 бази, а на секоја база беше прикажана различна повреда. Предавачи беа волонтери кои се студенти на Медицинскиот факултет и имаат големо искуство во првата помош, а учесници беа вкупно 40 ученици од ПСУ „Алгоритам Центар“ и Нови Сад, кои имаа можност да се запознаат со основите на првата помош. По пат на ротација, сите 40 учесници, поделени во групи, ја проследија санацијата на повредите кои се прикажуваа.
Петочното сончево претпладне ни дозволи да ја одржиме обуката на отворено, да ги дисеминираме нашите знаења, но и да се дружиме со сите присутни.






