октомври 8, 2025

Недела на млади

По повод Недела на млади (01.10.2025 – 07.10.2025) Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар спроведе информативна и едукативна работилница со учениците од ПСУ „Алгоритам“. Работилницата беше реализирана со две групи средношколци, со цел младите да се запознаат со програмите и можностите кои ги нуди Клубот на млади при ООЦК Центар, како и со начинот на вклучување и активното волонтирање во рамки на организацијата.

Во текот на активноста, волонтери и демонстратори по прва помош одржаа практична демонстрација на основни постапки за укажување помош при безсознание, крварење и реанимација. Учениците имаа можност активно да се вклучат во изведбата на техниките на манекен, како и да поставуваат прашања поврзани со реални ситуации во кои е потребно укажување итна помош.

Преку оваа активност младите беа поттикнати да ја препознаат важноста на хуманоста, солидарноста и одговорноста кон заедницата, а воедно се запознаа и со бројните можности за вклучување во идните активности на Клубот на млади.

Настанот беше одлична можност за промоција на младинскиот волонтеризам и зголемување на свеста кај средношколците за значењето на навремената реакција при итни состојби и улогата на Црвениот крст во секојдневниот живот.

< врати се назад